Штип — град во источниот дел на Република Македонија, распространет по долините на реките Брегалница и Отиња. Според пописот на населението од 2002 година, градот имал 40.016 (43.625 со Ново Село) жители и претставува најголемиот град во Источна Македонија и седми град по големина во Македонија (со 42 000 жители според Пописот од 2021 година). Штип е седиште на Штипската Општина и центар на Источнопланскиот Регион. Штип е еден од најстарите градови во Македонија. Во 2008 година, Свети Никола бил прогласен за заштитник на градот.

Тврдината Исар е посебен белег за градот. Тоа е возвишение на 150 метри над нивото од река Брегалница. Во 2009 година истражувачите открија 30 метри од тунелот што води од реката до врвот на Исарот. Со тоа се потврди најраскажуваната штипска легенда за освојување на градот преку таен тунел под Исарот, за кој во 17 век пишувал и турскиот патеписец Евлија Челебија. Истражувањата во последниот период само потврдуваат за длабоката историја. Целта е да се изврши конзервација и реконструкција на тврдината, која до крајот на 2011 година треба да биде комплетно осветлена. Погледот е целосно свртен кон историската тврдина Исар, доколку се застане пред самиот влез на убавата зграда на Општина Штип. Истата се наоѓа во централниот дел на градот.  Сместена е од левата страна на реката Отиња, притока на река Брегалница, која минува низ градот Штип.

Штип е познат по тоа што првата опера во Македонија е прикажана токму во овој град. Тоа била операта “Палјачи”, изведена во 1924 година од страна на рускиот музиколог Сергеј Михајлов. Почнувајќи од 1989 година, секој ноември, во Штип се одржува најголемиот фестивал на забавна музика во Македонија, „Макфест“. Исто така, почнувајќи од 1987 година, во градот се одржува „Штипско Културно Лето“ – фестивал кој трае еден месец и се одржува од 1 јули до 1 август во културниот центар „Ацо Шопов“. Домот на младите е организатор на џез-фестивалот „Астибо“. Најпосле, секоја година, на 8 ноември, во Штип се одржува манифестацијата “Пастрмалијада”.

Поважни културни установи во Штип се:

  • Завод и Музеј,
  • Народен театар,
  • Народна и универзитетска библиотека “Гоце Делчев“,
  • Центар за култура “Ацо Шопов”,
  • Дом на млади,
  • Уметничка галерија “Безистен”, и
  • Државен архив.

Заводот и Музеј е формиран во 1950 година како градска установа, а од 1953 година прераснал во Музеј на штипскиот крај. Во негови рамки има повеќе збирки и фондови од областа на археологијата, историјата, етнологијата и современата македонска уметност. Во музејскиот комплекс Аневи-Гочеви е поставена археолошка збирка со над 1 200 експонати, од неолитот до XVIII век.

Народниот театар започнал со работа во 1951 година, а првите театарски дејци биле учителите кои приредувале претстави со своите ученици. Оттогаш, театарот приредил над 300 премиери и над 5 000 репризни претстави, при што гостувал во над 100 градови низ Македонија и во странство, а неговите претстави ги посетиле околу еден милион гледачи.

Корените на Народната и универзитетска библиотека “Гоце Делчев” датираат од 1872 година, кога штипските еснафи, со свои лични средства и преку донирање книги од домашните библиотеки, го помогнале отворањето на читалиштето “Дејателност”. Во 1941 година, читалиштето го добило името “Гоце Делчев”, а во 1946 година била формирана Народната библиотека “Гоце Делчев”, која од 2003 година работи со статус на национална установа. Во рамките на библиотеката работи литературниот клуб “Искра”, како и француска читална, во соработка со Францускиот културен центар во Скопје.

Центарот за култура „Ацо Шопов“ е изграден во 1979 година и располага со корисна површина од 3 100 м2, од кои 410 м2 отпаѓаат на сценскиот простор. Центарот располага со голема сала, со 615 седишта, и со мала сала, со 120 седишта. Во составот на Центарот за култура работат: Драмско студио, Ликовно студио и Хармоникашки оркстар. Секоја година, Центарот организира околу 130 културни настани од областа на музичко-сценската драмската, ликовната и литературната уметност, како и форуми, предавања, трибини итн. Притоа, како традиционални манифестации, Центарот е домаќин на: Биеналното студио за цртеж „Во чест на поетот“, Музичкиот фестивал „Макфест“ итн.