SMUT

Кога SMUT пред 25 години почнаа да свират, немаше метал-кор во Македонија. Денес зборуваме за бенд кој е основоположник на стилот во регионот и една од најценетите групи во овој дел од Европа. Во 1996 година во Западно Скопје групата ја формираа деца кои денес се семејни луѓе со пет албуми, огромна и веројатно најверна фан-база на сцената и стотици концерти зад себе, од кои некои заедно со Sick of It All, Biohazard, Integrity, Hatebreed, Madball, Ignite…

Во својот музички израз групата е препознатлива по моќните гитари, впечатливиот брз ритам на тапаните и испреплетениот звук на бас гитара кој совршено ги спојува другите инструменти и специфичниот вокал кој има широк дијапазон од мелодични секции, па сѐ до оние потврди „скрим“ делови.

Поентата на оваа група отсекогаш била во живите настапи. Којзнае колку деца од сцената својот прв stage dive или circle pit го направиле токму на SMUT концерт, а сега нивните концерти важат за едни од најпрофесионалните на македонската сцена кои не престануваат да ја восхитуваат публиката, секогаш испорачувајќи врвен перформанс и експлозивен звук. Токму енергичните настапи и публиката во препознатливата атмосфера на заедништво низ годините станаа трејдмарк на групата.