СИМОН ТРПЧЕСКИ – МАКЕДОНИСИМО

КВИНТЕТ МАКЕДОНИСИМО е формиран од најуспешниот македонски пијанист на сите времиња во светски рамки – Симон Трпчески. Квинтетот ги вклучува Симон Трпчески (пијано), Хидан Мамудов (кларинет, алто саксофон и кавал), Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки).

Светската премиера во Германија во 2017 година на фестивалот Лудвигсбургер Шлосфестшпиле предизвика блескави критики: „Сосема магично“, пишува Süddeutsche Zeitung: „Оваа група треба да дојде повторно“, извика The Independent по премиерата во Обединетото Кралство во Вигмор Хол, Лондон, во 2018 година.

Навистина, МАКЕДОНИСИМО произведува уникатен звук: спојува неверојатни ритми и прогонувачки мелодии на македонската народна музичка традиција со виртуозни рифови и хармонии под влијание на џезот. Дваесет и три ора и песни, лично избрани од Трпчески за овој проект, се испреплетени на навистина уникатен начин од македонскиот композитор Панде Шахов. По неговата успешна премиера во Германија, проектот патуваше во Словенија, Велика Британија, Полска, Холандија, Франција, Србија, Црна Гора, Романија, Јужна Кореја, Канада, Швајцарија, Австрија.

Квинтетот беше прикажан на BBC Radio 3 In Tune, пренос во живо на Јутјуб од Јужна Кореја и Канада, како и на други реномирани ТВ и радио емитувачи.

Симон Трпчески – за МАКЕДОНИСИМО

Годината 2017 беше означена со почетокот на мојот најнов проект, кој го нареков „МАКЕДОНИСИМО“, што значи „ептен Македонско“, посветен на мојот македонски народ. Тоа е проект со македонска музика кој со нетрпение го очекував и во мојата глава работев на овој проект долго време. Неописливата моќ на „ритамот“ на нашата музика е дел од моето секојдневие и носи со себе многу спомени, почнувајќи од моето детство со моите родители, брат ми, сестра ми, моите баби и дедовци. Семејните собири беа полни со радост и среќа, а денес ја пренесувам оваа безвременска традиција на моите деца. Никогаш досега не сум имал можност да го направам овој албум реалност и затоа сум пресреќен што конечно се случи.