ЧПП – Д Фестивал 2020
1. Дали ќе се одржи Д Фестивал 2020 на најавените датуми од 21-23 август и во каков формат?
– Да, но во скратено издание. Со цел исполнување на сите предвидени безбедносни мерки, Д Фестивал годинава ќе биде на 22-ри август (сабота) во Дојран. Ќе ја имаме само главната бина која е распространета на 10 000 квадратни метри, а капацитетот ќе биде ограничен на само 30%.
2. Какви мерки ќе бидат преземени со цел заштита на публиката од корона вирусот?
– Ние со месеци работиме и се подготвуваме да овозможиме безбедна атмосфера за нашите драги посетители. Носењето на маски, дезинфекција на рацете, одржување на физичко растојание од 1,5 метри и мерењето температура се задолжителни за сите. Редарите ќе имаат право да го отстранат секој поединец кој не ги почитува мерките.
– Важно е сите кои сакаат да присуствуваат на Д Фестивал, пред да дојдат на настанот, да се информираат и да го прочитаат протоколот за начин и услови за организација на настани. Официјалниот протокол може да го најдете на следниот линк – Прилог бр.33: https://vlada.mk/protokoli-koronavirus
3. Дали ќе се одржи фестивалот во случај да има влошување на здравствената состојба во државата?
– Будно ја следиме ситуацијата и одржуваме контакт со надлежните институции. Во случај да има значително влошување на здравствената состојба во државата, фестивалот ќе биде презакажан.
4. Дали ќе настапуваат сите најавени артисти за 2020-та година?
– Ова издание ќе биде потполно различно од планираното. 2020 како тешка година за сите, ќе биде Д Фест и пријателите. Скоро сите артисти кои беа најавени се потврдени за 2021-та! Веќе започнавме со продажба на билети за 2021-ва, а наскоро ќе бидат и најавени многу досега необјавени артисти за подалечното издание. Наредната година, ако бидеме нормални, здрави и живи, ќе биде најдобриот Д Фестивал и званичното 10-то роденденско издание.
5. Зошто програмата е составена само од македонски артисти?
– Д Фестивал е веројатно единствениот интернационален фестивал на кој може да најдете пребогата понуда од домашни артисти, од хард кор до детски хорчиња. Дури 70% од програмата е составена од наши креативни и културни сили. Сега, кога е тешко и за артистите и за промотерите, најреално е да си помогнеме и заеднички да чекориме напред. Хероите и другарите во мака се препознаваат.
6. Дали оваа година ќе има камп простор?
– За жал, кампот годинава нема да го отвориме. Иако Д Фестивал има доволно капацитет и квадратура за сите, не сакаме да ризикуваме со другите ритуали и потреби: доволен број на тушеви, вц-а, лавабоа, миење заби на дистанца, чекање ред пред истите… Овој Д Фестивал ќе биде мала школа и припрема, како да се чуваме, почитуваме и учиме да се пазиме, сега, но и во иднина.
7. Дали може да си поставам шатор во градскиот парк во Дојран?
– Ние апелираме да ги посетите и запознаете прекрасните домаќини кои ги изнајмуваат своите сместувачки капацитети. Годинава, туризмот е една од гранките кои се најпогодените од здраствената криза.
8. Дали ќе има организиран превоз до Дојран?
– Согласно заштитните мерки, препорачуваме секој самостојно да организира превоз. За време на фестивалот во Дојран не се наплаќа паркинг.
9. Дали оваа година ќе има Church Stage?
– Според протоколот за одржување на настани од јавен карактер, дозволени се само настани на отворено. Водејќи се според него, ги исклучивме сите активности кои се одржуваат во затворен простор, меѓу кои е и Church Stage.
10. Дали оваа година ќе има Lake Awake?
– Во моментов нема дозволи за работа до раните утрински часови. Поради законски причини, Lake Awake нема да биде дел од програмата, а сите артисти кои беа најавени, од следната недела ќе бидат репотврдени за 2021-ва.
11. Дали оваа година ќе има ПлоштАрт?
– Една огромна екипа од над 30 невладини организации, самостојни уметници и спортски друштва стојат позади реализацијата на ПлоштАрт. Само поради заедничка безбедност, сите преубави идеи, планови, перформанси, дебати, работилници, инсталации, гејминг игри ќе ги одложиме за 2021-ва. Фала на сите учесници кои имаа максимално разбирање.
12. Се пријавив на повиците за креирање на ПлоштАрт. Дали апликациите ќе важат за наредната година?
– Поради неможноста за вклучување и реализација на ПлоштАрт во годинашната програма, вашите апликации ќе бидат земени предвид за наредното роденденско издание на фестивалот, а ве охрабруваме да се пријавите и на новиот повик за кој ќе бидете известени веднаш по неговото објавување.
13. Дали набавените билети за ова издание ќе важат и за наредното во 2021-ва?
– Со веќе купениот билет ќе може бесплатно да присуствувате на годинашното издание на Д Фестивал, како и на наредното роденденско – во 2021-ва. Ова важи за сите кои набавиле билет до 30.07.2020.
14. Што треба да направам ако сакам да го задржам набавениот билет и да го искористам на наредното издание на Д Фестивал во 2021-ва?
– Сите билети имаат свој уникатен бар код и МкТикетс располага со целата база. Неискористениот билет за овогодинашното издание автоматски ќе важи и за 2021.
15. Дали ќе овозможите поврат на средствата за оние кои не се во можност да присуствуваат, а имаат набавено билет?
– Да, сите детали околу повратот на средствата ќе бидат објавени наскоро заедно со програмата за 2021-ва година.
16. Се уште немам набавено билет за Д Фестивал, а сакам да присуствувам на еднодневното издание на 22-ти август. Колку чини билетот и каде можам да го набавам?
– Билетите се веќе достапни онлајн во продажната мрежа на MkTickets. Побрзајте, затоа што капацитетот на просторот и билетите се ограничени.
17. Кога ќе стартува продажбата на билети за 2021 и по која цена?
– Првиот контигент на билети кој традиционално го нарекуваме Ран корморан е веќе во продажба по промотивна цена од 800 денари. Акцијата ќе трае до истекот на количините.
18. Како можам да го поддржам фестивалот?
– Со вашата доверба да ги зачувате билетите и да присуствувате на годинашното издание и/или на наредното во 2021 го поддржувате Д Фестивал и помагате на вашите омилени домашни артисти и на музичката индустрија да преживеат во овие тешки времиња.