Чиста Околина

Чиста околина е хип-хоп бенд формиран во 1991 година во Скопје, Македонија. Нивната цел никогаш не беше следењето на конвенционалните текови на рапот туку потрага по музичка форма заснована на целосно слободно создавање и експериментална употреба на дадаистички и надреалистички начела на културална деконструкција и самоиронија. Првиот албум “Новиот аспект на Старата школа“ го издаваат во 1996 година (реиздаден во 2000 од Литиум рекордс) тенденциозно направен само со RY-10 ритам машина и Technics 1210 SL грамофон користен за скречување и манипулација со семпловите. По нивниот самостоен концерт во 1997 година бендот се структуира на поинаков начин за да работи на нов материјал и настапуваат на Таксират фестивалот во 2000 година.

Во изминатите две децении членовите на бендот работат на многу други  музички, уметнички и културни проекти издигајќи го и рафинирајќи го сопствениот артистички израз. Во 2014 година со настап на Таксират и со издавање на синглот “Изморена авангарда“ го најавуваат враќањето на сцената. Во 2021 година го издаваат нивниот втор албум “Avant-garde Fatiguée“ (дигитално издание за Filter Label) со сингловите “Си играме со рапот“ и “Малку поети“. Членови на бендот се: Ристо Солунчев, Виктор Георгиев, Самоил Петрески, Јане Јосифовски и Славе Спировски. Нивниот сингл со видео запис „Врие македонец“  издаден во 2022 година е вистинско освежување и најава за третиот албум на Чиста Околина на кој тие моментално работат.

Main Stage