ВОЛОНТИРАЈ НА Д ФЕСТИВАЛ!

  • 5
  • 18/01/2019
Volonter-OtvorenPovik (1)

Дали знаеш дека најдобрата летна школа е да волонтираш на Д Фестивал?
Ушите ти зујат од што си имаш енергија? Чувствуваш дека си некаков неоткриен талент? Здосадено ти е секое лето едно те исто да правиш и конечно ти дојде
да се впуштиш во водите на непознатото? 

 

Сите волонтери – да не му ја мислат многу – дојде времето од годината кога Д Фестивал ги отвора своите прегратки! Смело и гордо придружете се на луѓето кои секоја година полека, но сигурно ја градат и оживуваат летната авантура, толку љубена и незаборавна за секој што некогаш бил дел од неа! За возврат, ќе откриеш еден куп супер луѓе, со кои заедно ќе бидете во „животната Д школа“, и се разбира, ќе му покажеш на светот дека си неоткриениот шампион во фудбалче. А како заедничка награда, со твојата несебична помош, фестивалот ќе биде ѕверска тридневна фиеста, невидена спојка на музика, уметност и мисла.

Сè што ти треба е добра волја, верба во невозможното и желба за учење, останатото ќе си дојде само по себе :)

 

Општи насоки:

  • Времетраење на  волонтирањето на терен (Дојран) е од 11-ти до 15-ти јули, 2019, со задолжителен ангажман од 6 до 8 часа во една смена.
  • Волонтирањето опфаќа часови од 07 до 04 часот наутро.
  • Волонтирањето опфаќа обврски и ангажман и пред почетокот на фестивалот,
    кои ќе се утврдат по точно определен план, а истите може да опфатат:
    Дистрибуција на промотивни материјали, промоција на социјални медиуми, креирање на план за изградба на кампот,
    помош при различни логистички активности, пренесување пратки, помош во канцелариска работа, пречек на гости, итн.
  • Волонтерот задолжително мора да потпише „Договор за волонтери на Д Фестивал 2019“ подготвен од организаторот. 

Специфични бенефити:

  • Три-дневен пристап за уживање на целата музика.
  • Специјален волонтерски „шатл“ од/до Дојран.
  • Полн стомак со три оброци на ден (преку стомакот до вашите срца :) 
  • Неверојатна Д-Фест маичка, фина и убава.
  • Сместување со сопствена опрема во специјален дел во кампот, посебно катче, вистинско волонтерско село со можност да прерасне во град, со фудбалче.
  • Вештарство во областа на „снајди се и преживеј“ – во канцелариите на Пасворд Продукција.
  • Интензивен курс на терен во тајните на „како да направиш од ништо-нешто“ и напреден курс во „нема не можам, сè можам“.
  • Можност за блиска соработка и прошетка со врвни, супер интересни музичари, уметници и обични организатори :) 
  • На крај, се разбира, за успешно завршена школа, следува соодветна препорака и сертификат со нашиот златен Д печат.

Волонтерски правци:

  • Изградба и деконструкција на камп
  • Средување на простор (декорирање на камп)
  • Чистење и рециклирање (водачи на Д Фест ЕКО патрола)
  • Кетеринг (оддржување на фестивалска кујна, служење во бекстејџ)
  • Работа во билетара (листи за акредитации, работа со билети и нараквици)
  • Помош на обезбедување (проверка на нараквици и чување стража на влезови)
  • Обезбедување на фестивалски магацин
  • Помош во ПлоштАртовската програма (при работилници, дебати, филмски проекции)
  • Тим за итни случаи (тим за се што „нè штима“)
  • Инфо тим (луѓето што знаат сè)

 ПРЕЗЕМИ ГО КРАТКИОТ ВОДИЧ ЗА НАСОКИ – ОВДЕ


Не чекај да ти паднат од небо – создади ги своите приказни и
спомени ова лето и пријави се на следниот ЛИНК најдоцна до 22 февруари!

** Доколку ти треба повеќе инфо – пиши мејл на gorjana@password.mk **