STRING FORCES и Да ЏАКА НАКОТ го предводат новиот бран изведувачи на Д ФЕСТИВАЛ!

  • 0
  • 30/05/2017
StringForces

До новото фестивалско лето на Д ФЕСТИВАЛ остануваат уште едвај месец и половина, а само во музичката програма на единствениот настан кај нас кој во вистинска смисла го претставува фестивалскиот дух, веќе се запишаа скоро 40 изведувачи. Оваа импозантна листа Д ФЕСТИВАЛ ја збогатува со еден од најспецифичните македонски бендови СТРИНГ ФОРСЕС (STRING FORCES) и еден од предводниците на домашната рап сцена ДА ЏАКА НАКОТ, кои ги потврдија своите настапи на главната бина на тридневниот музички маратон во Дојран!

СТРИНГ ФОРСЕС е групата настаната пред точно две децении, во средината на деведесеттите години на минатиот век, а која денес важи за еден од најзначајните претставници на современата македонска музика. Нивната 20 годишна активна присутност на музичката сцена ја бележат со повеќе големи хитови меѓу кои особено се издвојуваат „Каде бегаш“, „Келари шарени“, „Суб“, „Води ме“, „Еден здив“, „Јас сум ти“, како и последниот „Тишина“, инаку официјален сингл-најава за нивниот нов, петти по ред, студиски албум „Соголи ме“ (2017). Освен студиските албуми, групата има изработено музика за ТВ-филм (серија), „Заведени“ (2003), како и снимен акустичен (анплагд) настап на Македонската радио телевизија (2007). Главната нишка на изразот на „Стринг форсес“ е еклектичен спој на повеќе музички изрази, со акцент на живиот настап и звукот создаден со жичени инструменти кои не секогаш се специфични за етаблираните и популарни музички форми. Сето ова денес со себе носи дефинираност на звук и израз по која публиката ги препознава и почитува.

ЏАКА НАКОТ е артист/рапер од Скопје, кој работи во изградбата на хип-хоп сцената во Македонија од 1991-ва година, членувајќи во групи како „Против Сите“ и „Легијата“, а понатаму и ја редефинира хип-хоп музиката низ проектите кои следуваат низ годините. Својот прв соло албум „Неопходно Зло“ го објавува во 2001 година и е активен промотер на движењето во следите години, работејќи како автор на емисијата „Здраа Храна“ на Канал 103 (2003-2009 ) каде се промовира Македонскиот хип-хоп, колумнист, но и борец за граѓански права и слободи. Зад себе бројни настапи кои вклучуваат и значајни фестивали како EXIT во Србија и македонските Таксират, Аларм, Ск Стрит Битс, а бината ја делел со ѕвезди од калибарот на Public Enemy, Jeru da Damaja, Edo Maajka, Bvana iz Lagune, Frenkie, Marchello и Roni Size со кого пак повторно ќе се сретне и годинава на Д Фестивал. Со над 10 соло и 15 колаборациски албуми, повеќе од јасно е дека Џака Накот сѐ уште го снима, дефинира и репрезентира вистинскиот хип-хоп, кој во најдобро светло ќе го презентира овој јули на Д ФЕСТИВАЛ.

Познати се и првите артисти од програмата за CHURCH STAGE на Д ФЕСТИВАЛ!
Покрај главната, Д ФЕСТИВАЛ годинава ги пречекува своите посетители со музичка програма на вкупно 5 фестивалски бини меѓу кои и музичкиот храм на фестивалот – CHURCH STAGE! Оваа бина на фестивалот е позиционирана во црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран, на падините над фестивалскиот камп. Минатата година на точно 100 години од неговото разрушување, а денес целосно реконструираниот катедрален храм за првпат го оплеменивме со префинетиот звук на музичките уметници кои ја одбележуваат современата култура на Македонија со својот единствен музички пристап.

ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ (CHALGIA SOUND SYSTEM) e првата музичка група која го потврди својот настап на CHURCH STAGE, а нивниот уникатен музички израз се чини како создаден токму за единствената атмосфера која ја исполнува оваа фестивалска бина. Чалгија Саунд Систем има за цел да го одржи чалгискиот израз проучувајќи го богатото наследство од мелодии и форми кои составот ги изведува доследно и верно на традицијата, а од друга страна, да го земе чалгискиот израз како основа за создавање современа музика која е во духот на чалгиската традиција, со што на одреден начин и ја продолжува традицијата. Своите почетоци оваа група ги бележи во 2008-ма година и веднаш го привлекоа вниманието на музичките познавачи и сладокусци на македонската музика, а во моментов го подготвува и својот, долгоочекуван втор албум.

Задолжени за магичниот концертен амбиент во CHURCH STAGE на Д ФЕСТИВАЛ годинава се и Александар Пешевски, музичкиот автор чии настапи вклучуваат комбинација на акустика и вокал, како и младата вокалистка и гитаристка од независната македонска музичка сцена Емилија Славковска.

САМО 600 ДЕНАРИ ЗА ТРИДНЕВНИТЕ „all-inclusive“ ВЛЕЗНИЦИ
Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран. Во моментов актуелна е продажбата на најповолните РАН КОРМОРАН билети преку продажната мрежа на МкТикетс, а за полесно и побрзо купување, од оваа година билетите можете да ги набавите и преку мобилната апликација на karti.com.mk која е достапна за преземање на следните линкови: – Android, – iOs. Во оваа фаза од претпродажбата достапни се all-inclusive билетите за Фестивалот кои за неверојатна цена од само 600 денари на посетителите им овозможуваат пристап до сите фестивалски стејџови и бесплатен камп за трите дена на Д Фестивал 2017.