Претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“ пристигнува на Д Фестивал

  • 0
  • 26/06/2019
pozz bac novosti

Во нашето фестивалско семејство се приклучува театарот Artopia со наградуваната претстава и секогаш распродадена „Да го поздравиш и да ми го бациш“.

На 14-ти јули во Church Stage на сцена стапува уметничкиот проект кој говори за борбата за индивидуална слобода, себеостварување и соочување со општествените механизми на функционирање. Време е и за театар на Д Фестивал 2019!

Документарната претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“ е авторско дело на актерите Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Симона Спировска Костовска и режисерката Билјана Радиноска. Претставата ја раскажува приказната за растењето, исполнетo со соништа за себеостварување и соочувaње со општествените механизми на функционирање.

Претставата отвора различни теми. Од согледување на уметноста во себе, борбите за остварување на креативниот потенцијал, надежите и стравовите што се дел од животот на човекот. Сите проблематики се одраз на личното искуство на актерите, кои зборуваат и за борбата за индивидуална слобода.

Каков треба да биде театарот денес? Кое е неговото место во општеството? Каде се наоѓа местото на младите во општеството во кое живееме? Каква е емотивната слика на индивидуалниот внатрешен конфликт помеѓу интуитивното и рационалното? Каква е сликата од вакуум просторот помеѓу „каков сакаме да биде животот“ и „каков животот навистина е“; се прашања и дилеми што актерите на сцена ги поставуваат и бараат начин да ги одговорат.