Сабота, 16 јули >> Main Stage
Фолтин се една од најинтересните, ако не и најинтересната македонска музичка атракција. Имаат 7 албумски остварувања, преполни со уникатна, возбудлива, неконвенционална музика и театарски сензибилитет, како и континуиран успех како на домашната, така и на меѓународната сцена. Музиката на ова псевдо-емигрантско кабаре (како што се опишуваат себеси) звучи непредвидливо и предизвикувачки: надреално, страсно, свежо, топло, бескрајно имагинативно, динамично, посебно и полно со изненадувања и вкрстува повеќе музички идиоми: електроакустична музика, алтернативен рок, фанк, џез, амбиентална музика… Нивните композиции, во раниот период од постоењето на бендот, користеа фонетски мимики од различни јазици, без посебно семантичко значење. Неконвенционалниот јазик користен во нивните стихови, со текот на времето еволуираше во македонски и англиски. Со длабоки корени во театарот и перформансот, Фолтин имаат создадено музика за повеќе од дваесет театарски претстави, а живите настапи на групата им обезбедија место меѓу најдобрите, како и бројни признанија и интензивно концертирање во Македонија, регионот, Европа, па и Блискиот Исток. Сето ова, како и податокот дека годинава Фолтин прославуваат 20 години од своето постоење, гарантира настап што ќе се памети како еден од оние што ќе го одбележат шестото издание на музичкиот маратон наречен Д Фестивал.
Официјални линкови:
Facebook
Bandcamp
Soundcloud
Twitter
YouTube
Видео: Фолтин – „Аманаман“