Петок, 15 јули >> Main Stage
Во својата кариера која се протега низ повеќе од 18 години, Dub Pistols имаат шест студиски албуми, а соработуваа со херои од калибарот на The Specials, Busta Rhymes, Madness и Gregory Isaacs. Како еден од најинтересните алтернативни британски состави познати се и по ремиксите што ги направија за артисти како Lily Allen, Bono, Ian Brown, Moby, Natalie Imbruglia, The Crystal Method, Limp Bizkit и Korn. Нивната музика се најде и во филмовите “Y Tu Mamá También”, “Blade 2”, “Bad Company”, “Mystery Men” и документарниот филм за Banksy. Денес Dub Pistols важат за еден од малкуте британски бендови на работничката класа кој ги одржува во живот реге саунд-систем музиката и тајниот ритам на Британија од ска до рокстеди, преку соул-ту-соул, грајм, дабстеп и уште понатаму. Низ годините бендот забележа бројни подеми и падови, а низ тој процес успешно се метаморфозираше во неверојатно моќен и беспрекорен лајв-бенд кој е редовен фестивалски изведувач постојано освојувајќи нови фанови на Glastonbury, Bestival, Beat-Herder и останатите големи фестивали низ Европа. Таа спремност и дисциплина на бендот научена на потешкиот начин, во целост е прикажана и во нивниот нов албум Return of the Pistoleros со кој минатата година во голем стил се вратија на сцената, а за кој критиката вели дека е најдобриот во нивната досегашна кариера. Главната причина за успехот на ова издание бендот го лоцира во комбинацијата на старите и новите Dub Pistols влијанија, вклучувајќи го и Tim Hutton во креирањето, кој е познат како ко-автор на музиката за Groove Armada, Ian Brown и новиот албум на The Prodigy. Ова издание, заедно со нивниот препознатлив енергичен настап во живо со седум музичари на сцена, годинава ќе го претстават и на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран.
Официјални линкови:
Website
Facebook
Twitter
Youtube
Soundcloud
Видео: Dub Pistols – “Pistoleros”