Двократниот број 1 светски диџеј – ПОЛ ВАН ДАЈК настапува на Д ФЕСТИВАЛ!

  • 1
  • 16/04/2018
Banner-Artisti

Д ФЕСТИВАЛ кој ова лето од 6-ти до 8-ми јули ќе се одржува во Дојран, во својата музичка програма добива импозантно засилување со потврдениот настап на неприкосновениот ПОЛ ВАН ДАЈК (PAUL VAN DYK)! Двократниот носител на титулата за најдобар светски диџеј, една од првите супер ѕвезди во електронската музика кој успеа истата од „андерграунд“ да ја внесе на голема врата на „мејнстрим“ сцената, соработник со легенди како што се Ју-Ту, Мадона и Депеш Мод, повеќе пати номиниран за Греми и сопственик на милионски изданија, добитник на орден на честа од градот Берлин, величенствениот Пол Ван Дајк е хедлајнерот чиј настап на главната бина во петок на 6-ти јули ќе го одбележи спектакуларното отворање на годинешниот Д ФЕСТИВАЛ!

Покрај овој светски гигант на електронската музика, во музичката програма на Д ФЕСТИВАЛ ни се придружуваат и значајните музички уметници од регионалната сцена. Најновото име во оваа низа е еден од најуспешните и највлијателни балкански рапери ФРЕНКИ (FRENKIE) кој ни се придружува ова лето на Д Фестивал! 

Во тридневната програма на Д ФЕСТИВАЛ – единствениот open-air музички фестивал во Македонија, својот настап веќе го потврдија и DISCIPLES, FINK, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, ГОРАН ТРАЈКОСКИ, WHO SEE, PUSSY RIOT, KOALA VOICE, CONSPIRACY и ПАЛИНДРОМ, но и уште многу други кои наскоро ќе бидат објавени.