Midnight Ritual – транс вечер за затворањето на Д ФЕСТИВАЛ

  • 0
  • 15/05/2017
MidnightRitual-02

EGORYTHMIA, ALBIORIX, SPIRIT ARCHITECT, DUAL RESONANCE и MODUAL настапуваат на LakeAwake бината!

Откако повеќе од 20 музички артисти веќе ги потврдија своите настапи на Д Фестивал, меѓу кои и музичките ѕвезди како РУДИМЕНТАЛ, РОНИ САЈЗ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, КУП ОСКАР ОРКЕСТРА, С.А.Р.С., СИНИСТЕР и други, покрај главната бина и „Москито“ бината, Д ФЕСТИВАЛ ја најавува и музичката програма за LAKEAWAKE STAGE! Оваа, трета по големина бина на Д ФЕСТИВАЛ е посветена исклучиво на електронската музика, со програма која ќе се одвива сѐ до раните утрински часови кога заедно на подиумот ќе ги дочекуваме изгрејсонцата на дојранското крајбрежје. Со посебен програмски концепт, за време на трите фестивалски ноќи, од 14-ти до 16-ти јули, оваа бина ќе претстави дел од водечките колективи од македонската електронска сцена, кои со децении ги предводат клупските забави кај нас. Првата вест за LakeAwake овој пат доаѓа на радост на љубителите на транс музиката кои годинава за прв пат на Д ФЕСТИВАЛ добиваат целовечерна програма посветена на овој жанр, а која во Дојран ќе ги доведе некои од најзначајните претставници на транс музиката од Македонија.

Во недела, на 16-ти јули, на LakeAwake бината нѐ очекува вечерта насловена MIDNIGHT RITUAL која ја предводи најрепрезентативниот македонски прогресив транс артист EGORYTHMIA, во засилување со настапите на ALBIORIX, SPIRIT ARCHITECT, DUAL RESONANCE и MODUAL!

EGORYTHMIA е проектот на Бобан Лазовски, еден од најуспешните македонски музички продуценти. На музичката сцена е активен од 2001 година, но својот интернационален успех го бележи од 2008, a со проектот Egorythmia тој денес е еден од повлијателните и продуктивни продуценти во жанрот прогресив транс. Од тогаш има бројни изданија за најреномираните издавачки куќи како што се Iono, Iboga, Perfecto Fluoro, Blue Tunes, Echoes и Plusquam, и со неговиот хипнотички звук тој редовно гостува на најголемите светски музички фестивали и клупски настани за електронска музика како Boom, Ozora, Fusion, Exit, Antaris, Universo Parallelo, Sunburn, Equinox, BAP, World of Trance, TamTam и други, каде што неговата работа е посебно ценета и вреднувана. Egorythmia важи и како синоним за редок успех на македонски електронски артист, кој има соработувано со врвни музички продуценти, меѓу кои Ace Ventura, liquid Soul, Ritmo, Zen Mechanics, Perfect Stranger, Quantize и Mute, а неговата музика најде свое место и на компилации на величини од светот на електронската музика, како што е Paul Oakenfold.

AlBioRiX е уметничкото алтер его на Ратко Димовски од Скопје. Тој е познат и како основач и водител на Psy Freq емисијата на Радио Канал 103, со фокус на прогресив и псоходеличната културата. Како диџеј негов најголем интерес е psychill (особено psydub) и progressive trance (psy progressive) стилот.

SPIRIT ARCHITECT е психоделичен транс проект на Ангел Здравковски од Скопје, чии први искуства со пишување и продукција на музика датираат од 2003 година. По повеќе години експериментирање и дипломирање како тонски инженер, стана подготвен и да ја пласира во светот својата извонредна продукција, што резултираше со многу добро оценети и прифатени изданија за етикетите Ovnimoon, BMSS и Geomagnetic Records. Кон крајот на 2012 година неговиот проект беше заприметен и потпишан од страна на Dacru Records етикетата, на која следуваа многу квалитетни изданија, придужени и од „антологиското“ ЦД издание на Ovnimoon етикетата со некои од најголемите хитови и појавување на славната Armada music во 2014. Тој е исто така познат и по неговиот прогресивен проект DUAL RESONANCE, со кој потпишува за Iono Music. За оваа година најавено е и објавувањето на долго очекуваниот албум првенец на Spirit Architect кој ќе биде објавен под капата на Dacru Records.

MODUAL e последниот псевдоним на проект кој живее во сенките на македонската електронска сцена повеќе од една деценија. Како и секоја енергија околу нас, ја менува својата форма во контекст со прогресот на музиката во светот со една и единствена цел, да се пренесе и сподели визијата за подобра и уникатна музика со правите љубители на звукот.

Кон крајот на тридневниот музички маратон и едно чудо дополнителни случувања на Д ФЕСТИВАЛ, не ни помислувајте на мирна вечер, туку подгответе се за заедно на подиумот на LakeAwake Stage да го испратиме седмиот Д Фестивал кој ќе нѐ одведе во една сосема нова, транс димензија на фестивалот. А изборот, токму со музиката на Midnight Ritual вечерта да го затвориме Фестивалот, воопшто не е случаен. Транс музиката не е само музички жанр, туку и културолошки активизам кој своите пораки ги пренесува преку танц, размена на енергија и меѓусебно почитување на различните светови, додека ги поврзува со добро познатиот софистициран звук. Овој музички стил кој со силна енергија ги обединува луѓето, совршено соодветствува на фестивалскиот дух кој во своето вистинско значење, кај нас е присутен единствено на Д ФЕСТИВАЛ.
Транс вечерта на LakeAwake ќе содржи и посебни декорации, а нивната тема ќе остане да биде изненадување за посетителите на Д ФЕСТИВАЛ.

РАН КОРМОРАН АКЦИЈА за најповолните „all-inclusive“ ВЛЕЗНИЦИ
Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран. Во моментов актуелна е продажбата на најповолните РАН КОРМОРАН билети преку продажната мрежа на МкТикетс, а за полесно и побрзо купување, од оваа година билетите можете да ги набавите и преку мобилната апликација на karti.com.mk која е достапна за преземање на следните линкови: – Android, – iOs. Во оваа фаза од претпродажбата достапни се all-inclusive билетите за Фестивалот кои за неверојатна цена од само 600 денари на посетителите им овозможуваат пристап до сите фестивалски стејџови и бесплатен камп за трите дена на Д Фестивал 2017.