Патувачкото магаренце на МакеДокс, натоварено со филмови пристигнува на Д ФЕСТИВАЛ

  • 0
  • 21/06/2017
Makedox-02

Покрај импозантната листа на музички артисти, во чии рамки само досега своите настапи ги потврдија повеќе од 40 изведувачи, Д ФЕСТИВАЛ за годинашното издание подготвува подеднакво атрактивна и интензивна дополнителна програма која со бројните случувања ќе го збогати незаборавното тридневно доживување. Во овој дел од програмата посебно нè радува што и годинава специјален гостин на Д ФЕСТИВАЛ е МАКЕДОКС, фестивалот на креативен документарен филм кој со своето ПАТУВАЧКО КИНО од 14-ти до 16-ти јули ќе го пречекаме во Дојран кадешто ќе ни пренесе дел од својата автентична атмосфера!

Патувачкото кино е дел од МакеДокс уште од првата година. Со цел да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и желни да ги споделат прекрасните документарни филмови со што е можно поголем број на луѓе, тимот на МакеДокс го иницира Патувачкото кино кое секоја година посетува нови села и помали градови во различни региони од Македонија. „Но, нема бесплатен ручек, јасно, тоа го правиме и за нас. Таму сретнуваме луѓе кои живеат во средини незагадени од стрес, брзање, состаноци, шизми од онлајн-офлајн преклопувања, знаат да те научат и понекоја лекција. Понекогаш со некоја мала досетка, понекогаш со некое, за урбаните ликови, непријатно молчење и застаклени очи. Животот на прв поглед изгледа поедноставен, но, реално, кога бил едноставен? И кога бил комплициран?“ – порачува тимот на МакеДокс.

Оваа година патувачкото магаренце на МакеДокс ќе се шета низ околијата на Македонски Брод и порече од 12-ти до 25-ти јули, а овие наши пријатели ќе скокнат да нè посетат и на Д ФЕСТИВАЛ, со пригодна музичко-документарна програма спакувана во својата препознатлива магична атмосфера.

Со Патувачкото Кино на МакеДокс, на Д Фестивал имаме прилика да ги погледнеме одлични музичко-документарни филмови од нивната топ-селекција како: „Марта и Ники“ (Режија: Тора Мартинс), „Мојот превртен свет“ (Режија: Петра Селишкар), „Во потрага по Фела“ (Режија: Алекс Гибни), „Чија е оваа песна?“ (Режија: Адела Пеева) и други, а покрај филмските проекции, посетителите ќе можат да се приклучат и во „ДОКУНИКУЛЦИ“, работилницата за креативен документарен филм. За овој дел од програмата „МакеДокс“ е во потрага по дванаесетмина величествени на возраст од 15 до 18 години, кои сакаат да учествуваат во работилница и порачуваат: „Сакаме млади луѓе кои имаат храброст да се изразат креативно и слободно, кои ќе бидат спремни да се впуштат во една незаборавна авантура.

Повеќе информации за „ДОКУНИКУЛЦИ“: https://goo.gl/URDE1r

Се гледаме на филм под ведрото небо на Д ФЕСТИВАЛ!