Дојран е историски град во југоисточниот дел на Република Македонија на брегот на Дојранското Езеро. Градот бил разурнат во Првата светска војна кога броел дури 18.000 жители. Денес името Дојран го носат три населби разместени околу Дојранското Езеро :

  • градот Стар Дојран (800 жители), центар на Општина Дојран во Република Македонија на местото на стариот град,
  • градот Нов Дојран (1200 жители) во Република Македонија на 5 километри на север од стариот град,
  • селото Дојран (183 жители) во Грција на јужниот брег на Дојранското Езеро на местото на старата Дојранска железничка станица.

Планината Беласица се протега на север од ова природно езеро. Фактот дека оваа низина се отвора на југот ја определува неговата медитеранска клима која се карактеризира со топли и суви лета и свежи, влажни зими. Тој се наоѓа на тромеѓето помеѓу Република Македонија, Република Бугарија и Република Грција.

ДОЈРАНСКО ЕЗЕРО

За настанувањето на Дојранското Езеро постојат повеќе легенди со убавата девојка Дојрана. Една од нив вели дека Дојрана одела по вода на изворите кои морале да се затворат по употреба. Еден ден во моментот кога Дојрана ги полнела стомните со вода, чула дека нејзиниот сакан се вратил од војување и од возбуда заборавила да го затвори изворот. Езерото Дојран, според оваа легенда е резултат на нејзината невнимателност од љубовниот занес. Благодарение на Медитеранската клима во јужна Македонија и близината на Егејското Море, во околината на Дојран вегетацијата цвета од рана пролет па сѐ до доцна есен. Во Дојранското Езеро регистрирани се 12 фаунистички ендемити. Од 15 видови риби, 1 вид претставува локален ендемит. Некои без’рбетници (посебно вилинските коњчиња) и неколку видови птици, се наоѓаат на листата на CORINE. Иако најдлабоката точка на Дојранското Езеро е само 10 метри, тоа изобилува со живот. Големата количина на алги кои растат во езерото и големиот број на планктони на неговата површина ги прават водите на Дојранкото Езеро исклучително погодни за лекување на реума, кожни и респираторни болести, па многу туристи го посетуваат токму од овие причини. Карактеристично за крајбрежјето на Дојран се рибарските бротчиња и наколни колиби кои се издигнуваат на површината на езерото. Методот на рибарење во овој крај е оригинален и многу стар, кој се изведува со помош на кормораните, галебите и другите птици кои го надлетуваат езерото и ги насочуваат рибите во оградите од трски т.н. мандри каде што тие се собираат во огромни количини. Таткото на историјата, Херодот, го истакнува рибарскиот потенцијал на Дојранското Езеро уште во 5. век п.н.е. Според него, езерото толку многу изобилувало со риба што доколку се остави празна кошна во водата преку ноќ, изутрината ќе биде полна со риби. Денес, најпознатите видови на риба во ова езеро се црвен крап, пастрмка, костреж, јагула.

Дојранското Езеро зафаќа површина од 43.1 km² распределени помеѓу Република Македонија (27.3 km²) и Грција (15.8 km²). На западната страна се наоѓа населбата Нов Дојран, на исток селото Моурес, на север планината Беласица и на југ грчкиот град Дојрани. Езерото има кружна форма и е трето најголемо езеро во Македонија. Езерото за време на Првата Светска Војна било на јужната линија на Македонскиот фронт, а на неговиот јужен брег се одвивала Дојранската Битка помеѓу сојузните Грчки и Британски војски кои напаѓале од југ и Бугарската војска стационирана на рид стотина метри јужно од езерото. Споменик за оваа битка и две гробници за грчките и британските војници денес се наоѓаат на рид неколку стотини метри јужно од езерото.

ВИДЕО: https://vimeo.com/54946126