Фестивалскиот камп е најдобриот начин да бидете дел од вистинската и комплетна фестивалска атмосфера на Д ФЕСТИВАЛ: да ги дочекате утрата со сончевите зраци, да бидете најблиску до концертниот простор, да уживате во Дојранското Езеро и прекрасната плажа лоцирана веднаш до кампот, да стекнете нови пријателства и да другарувате со илјадниците млади луѓе на Фестивалот!

Кампот ќе биде отворен од четврток, 13. јули до понеделник, 17. јули.

Пристигнете рано во кампот за да го обезбедите најдоброто место за вас и вашите пријатели! За време на трите фестивалски дена кампот ќе биде вашиот најпријатен дом. Ќе се погрижиме вашиот престој на Д ФЕСТИВАЛ да биде најпозитивниот спомен од ова лето.

Што да понесете?
• Она што најмногу ви треба кога кампувате е секако шатор.
• Понесете сè што ви е потребно за да се чувствувате поудобно: вреќа за спиење, прекривка, перница и сл.
• Не заборавајте да понесете костим за капење, очила за сонце, масло за сончање, крпи и останати реквизити за уживање на плажа, но најважно од сè – дојдете полни со позитивна енергија за незаборавен провод на Д ФЕСТИВАЛ.

Камперите на Д ФЕСТИВАЛ ќе имаат пристап до чешми со питка вода, тушеви, интернет, продавници за храна и пијалоци, плажа, како и други различни можности (сигурносни шкафчиња, полнење на мобилни телефони и сл.). За време на престојот во кампот, посетителите ќе можат да уживаат во програмата на сите бини, да бидат дел од различните работилници, дебати, друштвени игри, рекреација и уште многу други активности.

mapa-new

Оддалеченост од центарот на Дојран – 2 минути пеш.
Оддалеченост од Main Stage – 7 минути пеш.

Кампот е сместен во природа. Оттаму, ве молиме да придонесете кон чистотата на местото и заедно да се потрудиме да ни биде што е можно почисто. Местата за отпадоци ќе бидат прецизирани и ве молиме да ги користите корпите за отпадоци. Контејнери ќе најдете и на паркингот и во кампот. Користете ги!

Ве молиме почитувајте ги правилата на кампот на Д ФЕСТИВАЛ за ваша, но и безбедност на сите посетители на фестивалот. Тука ќе најдете одговори на најчесто поставуваните прашања, а подолу има листа на работи кои се или не се дозволени за внесување во кампот.

Дозволено е:

– Шатори
– Ранци
– Запалки
– Лаптопи, таблети, мобилни телефони и полначи
– Фотоапарати (аматерски)
– Цигари
– Мали преклопни чадори за дожд
– Велосипеди, тротинети, скејтборди, ролери
– Капки за контактни леќи
– Инсулин (со здравствена книшка и личен документ за идентификација)
– Пластичен прибор за јадење
– Храна и пијалоци купени во рамките на Д ФЕСТИВАЛ
– Пластични шишиња за вода (празни)
– Миленичиња (на одговорност на нивните сопственици)
– Насмевки

Не е дозволено:

– Дрога и опојни супстанци
– Ножеви и останато оружје
– Храна и пијалоци купени надвор од рамките на Фестивалот
– Огномети и распрснувачки материјали
– Палење оган
– Стакло
– Возила
– Плински боци
– Метален прибор за јадење
– Професионални фотоапарати и средства за аудио и(ли) видео снимање