Funk Shui и The Black & Vice Social Club на главната бина, SEA+AIR и Sweet Rapscallions на Москито Стејџ!

  • 0
  • 08/06/2017
MosquitoStage1-02

Новото фестивалско лето на Д ФЕСТИВАЛ секојдневно ја збогатува својата програма со сѐ повеќе нови музички артисти кои се придружуваат во тридневниот музички маратон кој годинава ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран! Со новиот бран изведувачи на Д ФЕСТИВАЛ овој пат ги пречекуваме претставниците од современата музичка сцена кај нас најпрепознатливи по впечатливите концертни настапи: Funk Shui и The Black & Vice Social Club на главната бина и Sweet Rapscallions на Москито бината која ја подготвува својата најсилна програма досега, а во чии рамки ќе го пречекаме и грчко-германскиот тандем SEA + AIR со нивниот уникатен „ghost pop“ звук!

Музичкиот тандем SEA + AIR за време од три години постоење во кои тие се нон-стоп на турнеја веќе имаат повеќе од 600 одржани концерти, во 26 земји на сите континенти во светот. Зад ова име стои грчо-германското дуо на Елени Зафириаду и Даниел Бенјамин кои го препознаваат значењето да се биде на вистинското место во вистинско време, а такво место и време оваа година за нив е Д ФЕСТИВАЛ во Дојран. Нивниот втор албум „Evropi“ освои неколку награди, се искачи во топ 50 листата на најдобри албуми во Европа и на SEA + AIR им ги донесе прајм-тајм гостувањата во телевизиските шоуа во Италија, Франција, Германија, па дури и Канада. Поткрепени со успехот на првите два албуми, во 2017-та одлучија да се преселат во Грција со цел да бидат поблиску до земјите во југоисточна Европа на кои е фокусирана нивната интензивна турнеја за оваа година.

Медитерански ритми, симфонични мелодии, разиграни андрогени вокали и егзотични инструменти како чембало или бузуки го создаваат нивниот уникатен звук. Со комбинација на одметничкиот став, револуционерниот музички пристап и поп сензибилитетот, Sea + Air успеа да достигне ново ниво во поп музиката кое тие го дефинираат како „Ghost Pop“, а доколку вашите музички фаворити вбројуваат имиња од калибарот на Radiohead, Kate Bush, Dead Can Dance, Owen Pallett или Scott Walker, тогаш концертот на Sea + Air сигурно е еден од оние кои не треба да ги пропуштите на Д ФЕСТИВАЛ!

The Black & Vice Social Club е рок бенд од Скопје, оформен во 2013 година, кој по неколку измени во составот од есента 2014 година активно работи во својот последен состав. Звукот на бендот се карактеризира како современа, интензивна алтернативна рок музика, во комбинација на стиловите на свирење на членовите и нивните музички искуства. Бендот го издаде својот прв албум „Until the road is a dead end“ во 2015-та година, кој беше номиниран за најдобар студиски албум на МАН Македонски Алтернативни награди 2016. Две песни од албумот, „Alone and alive“ и „World of pain“ беа дел од филмот „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски. Во јануари годинава бендот го издаде својот прв сингл после албумот, „Црна Црква”, која е прва песна на македонски јазик и прв спот на бендот, а се искачи до второ место на локалните радио станици. The Black & Vice Social Club е составен од: Ади Имери (вокали и гитара), Горјан Стојменовски (гитара), Симон Пеоски (гитара), Стефан Стојчев (бас) и Благоја Антовски (тапани), професионални музичари со долгогодишно искуство во македонската музичка сцена. Бендот моментално работи на нивниот следен сингл, материјал за новиот албум и подготовки за турнеја, а во рамки на Д ФЕСТИВАЛ со сигурност ќе имаме чест да чуеме дел и од новиот материјал во живо.

Funk Shui е скопски бенд кој комбинира повеќе различни ритмови и алтернативни инструментални музички жанрови. Создаден е пред 7 години во длабочините на МКЦ, комплетиран од тројца музичари кои создаваат своја лична авторска музика преку долги импровизирачки сесии. Истата година, Funk Shui за прв пат своите дела ги снима во вид на четири демо песни под наслов „Got Funk?!“. Бендот има издадено два албуми од кои првиот деби албум е „Етер“ во 2012 година и „R.E.M“ во 2015 година во кој на песната „Ме Газат“ гостува Ристо Солунчев – Ицко (Чиста Околина), а подоцна во годината одржуваат концерт заедно со целата екипа од Чиста Околина на фестивалот „Што се тресе во МКЦ?“. Во периодот помеѓу двата албуми бендот издава сингл „Огледала“ кој подоцна се наоѓа на вториот албум. По издавањето на вториот албум момците го снимаат синглот „Архетип“ кои добива свој видео запис. Овој сингл е најсофистицираното и најсозреано дело на бендот кој важи за еден од најпотенцијалните нови музички имиња на домашната сцена и кој годинава имаме чест да го чуеме во живо на Д ФЕСТИВАЛ!