КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ и С.А.Р.С. ги потврдија настапите на Д ФЕСТИВАЛ

  • 0
  • 04/05/2017
KirilDjaikovski

Д ФЕСТИВАЛ, единствениот open-air музички фестивал кај нас, добива нови хедлајнерски засилувања за новото тридневно фестивалско лето кое ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран. Откако беа објавени дел од светските музички имиња кои ќе ја предводат програмата на годинашното издание, листата на хедлајнери на Д ФЕСТИВАЛ е збогатена и со дел од најзначајните балкански музички имиња и тоа, гордоста на македонската музичка сцена и еден од најпрепознатливите балкански електро уметници во светот КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ и еден од најуспешните регионални артисти, групата С.А.Р.С. од Србија.

Покрај овие артисти, расте и бројот на младите имиња од домашната музичка сцена за кои Д ФЕСТИВАЛ на секое свое издание одвојува значаен дел од програмата во која годинава се приклучуваат и бендовите Каин, Спектрум, Локал Блу и Дивизија.

КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, македонскиот композитор и продуцент со исклучително успешна кариера  е несомнено еден од најреспектираните и докажани балкански уметници на електронската сцена. Тој е еден од првите електронски артисти кој го вклопува балканскиот етно звук и елементите од македонската традиционална музика во модерната електронска продукција, но е исто така и познат како извонреден автор на филмска и театарска музика. „Апсолутно величествен“, „Фантастична стереофонична продукција“, „Извонреден пример на оригинален талент“ се само дел од написите на светстката критика, во која творештвото на Џајковски се опишува и со цитатот: „Егзотичен и брилијантен, Џајковски создава нешта кои во музиката важат за невозможни. Џајковски, без никаков сомнеж, е музички гениј и вистински алхемичар на звукот. (Electroage)“ Својата музика тој веќе ја претстави на главните бини низ најголемите музички фестивали во Европа, а годинава Џајковски со live турнеја ја враќа на сцената својата единствена фузија на електронска и етно музика. Токму во ова издание, со live формацијата која вклучува различни музичари и вокални гости, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ ќе настапи и на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ!

С.А.Р.С. пред повеќе од десет години за прв пат се појавија на сцената и речиси веднаш со својот мегахит „Buđav lebac“ станаа миленици на публиката во целиот регион. Нивните концерти одамна ги надминаа границите на регионот, па покрај речиси секогаш распродадените настапи низ Балканот, С.А.Р.С. зад себе имаат турнеи и низ Шведска, Франција, Белгија, Германија, Чешка, Австрија, Швајцарија, Италија, а минатата година тие прославија 10 години постоење и со турнејата во Австралија. Денеска групата работи повеќе од било кога, постојано следејќи ги актуелните музички пристапи во светот, додека на домашен терен важи за креатор на новите музички трендови. Со шест студиски и еден „live“ албум, С.А.Р.С. досега имаат објавено и дваесет видео спотови, од кои дури петнаесет собраа повеќе од милион прегледувања на „Јутјуб“. Имено, нивниот „Јутјуб“ канал брои повеќе од 90.000 следбеници и над 100 милиони прегледувања вкупно, податок кој само го потврдува нивниот статус на еден од најуспешните бендови од регионов.

РАН КОРМОРАН АКЦИЈА за најповолните „all-inclusive ВЛЕЗНИЦИ
Новото фестивалско лето на Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран, а по завршувањето на специјалната онлајн акција Ран Корморан со рекорден интерес досега, јасно е дека пред нас е исклучително возбудливо издание на единствениот open-air музички фестивал кај нас. Во моментов актуелна е продажбата на најповолните РАН КОРМОРАН билети преку продажната мрежа на МкТикетс, а за полесно и побрзо купување, од оваа година билетите можете да ги набавите и преку мобилната апликација на karti.com.mk која е достапна за преземање на следните линкови: – Android, – iOs. Во оваа фаза од претпродажбата достапни се all-inclusive билетите за Фестивалот кои за неверојатна цена од само 600 денари на посетителите им овозможуваат пристап до сите фестивалски стејџови и бесплатен камп за трите дена на Д Фестивал 2017.
Почнете со подготовките бидејќи наскоро објавуваме уште многу нови изненадувања за Д ФЕСТИВАЛ 2017!