Daktili настапува на Smooth Stage на Д Фестивал

  • 0
  • 19/06/2019
daktili novosti

Рокенрол, поезија, театар и многу љубов е она кое сакаат да го ослободат од себе членовите на „Дактили“. Бендот кој експериментира со музиката и постојано вметнува нови елементи во своите песни, ова лето настапува на Smooth Stage на Д Фестивал 2019!

И како што самите порачуваат, нека се тргнат параваните и летаме сите заедно во занес, ослободени… на единствената Д-Фиеста во Дојран!

„Дактили“ е бенд од Струмица, формиран при крајот на 2018 година, составен од: Душко Манушев (тапани), Столе Велков (бас гитара) и Ставре Ангелаков (гитара). Во почетокот, работеле исклучиво авторска инструментална музика, но како се ределе настапите, така и тие преку експериментирање и вметнување на нови елементи ги проширувале сопствените граници. Со текот на времето на бендот му се приклучил уште еден член, вокалот Милан Анастасов. Почнале да работат на доста поразличен материјал од тој што го свиреле на почетокот. Сега бендот „Дактили“ работат на рокенрол албум со алтернативен призвук.

„Дактили“ редовно свират на домашен терен, во еден од клубовите во југоисточна Македонија, „Саб Клаб“ и во култниот локал „У“ во Гевгелија. Направиле свирка и во „Бербер и Бар – Вторник“, настапиле на „Лузер фест“, свиреле на протест против отворање на рудниците на Смртта во Струмичко, како и на промоција на списанието за уметност и култура „Зенит“, на настанот „Сирова Култура“ во МКЦ. Направиле и самостоен концерт во „Котур“ во Скопје.

„Рокенрол, поезија, театар и многу, многу љубов. Тоа е она кое сакаме да го истовариме. Се насобрало во нас и мора да истече. Се прашуваме каде на друго место освен на бина? Таму, каде што со публиката играме пинк-понк, таму каде играме ватерполо во крв, пот и солзи… Таму ние сме живи! Се тргаат паравани и летаме во занес, ослободени“, споделуваат членовите на „Дактили“, кои наскоро влегуваат во студио и почнуваат со снимање на првиот албум.