Д ФЕСТИВАЛ е повеќе од музика!

  • 3
  • 21/06/2017
Civica-02

Во вистинското значење на фестивалскиот дух и концепт, музиката е најважна, но музиката не е сè! Како единствено доживување кое на најдобар начин ги промовира позитивните вредности и пораката за слобода, љубов, единство и рамноправност, овој концепт во целост го пренесува единствениот летен open-air фестивал кај нас – Д ФЕСТИВАЛ! Новото фестивалско лето во Дојран ќе се одржи од 14-ти до 16-ти јули со повеќе од 50 музички изведувачи и плејада учесници и специјални гости, собирајќи ги бројните творци и ентузијасти во уникатното креативно здружување! Во рамки на својот единствен програмски концепт, Д ФЕСТИВАЛ ќе биде домаќин и на повеќе фестивали, здруженија и асоцијации кои се од национална и меѓународна важност за Македонија, кои покрај промоцијата на културата и уметноста, промовираат и толеранција, едукација на младите и претставуваат важен темел во изградбата на системот на вредности во нашето општество.

Во духот на своите вредности, Д ФЕСТИВАЛ и годинава ќе ги собере на едно место креативните сили и сè она што ја претставува позитивната творечка енергија во нашето општество, поддржувајќи ја, пред сè, младината. Во оваа заедничка мисија на Д ФЕСТИВАЛ учествуваат стотици уметници, дизајнери, креативни работници, културни здруженија, музичари, активисти, волонтери и добронамерници кои ќе придонесат за единственото и уникатно фестивалско доживување. Овој дел од програмата ќе се одвива во посебно уредените зони, фестивалскиот плоштад на уметноста „ПлоштАРТ“ и „Активниот Саем“ кои ќе бидат епицентар на општествените активности на Д ФЕСТИВАЛ, а во чии рамки посетителите ќе имаат прилика да ги посетат и да земат активно учество во бројните случувања, панел дискусии, филмски проекции, работилници, предавања, различни кампањи, проектни и рекреативни активности, натпревари, изложби, арт-инсталации, гејминг-зона, мултимедиумски презентации и многу други содржини со кои за време на трите фестивалски дена заедно ќе создадеме своевиден фестивалски град на вредностите кои ги промовира Д Фестивал и место за размена на идеи, мислења, ставови, креативни енергии, дијалог и креирање.

Програмата во „ПлоштАРТ“ и Активниот саем на Д ФЕСТИВАЛ 2017 е реализирана со поддршка на Цивика мобилитас (Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – СДЦ, кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и СИПУ.)

unnamed