CHURCH STAGE – МУЗИЧКИ ХРАМ ЗА НОВ МАГИЧЕН КОНЦЕРТЕН АМБИЕНТ НА Д ФЕСТИВАЛ

  • 1
  • 09/07/2016
featured-za-vesti2

Во импозантната листа на музички учесници кои ќе ги претстават своите настапи на Д ФЕСТИВАЛ веќе се запишаа повеќе од 50 светски, регионални и домашни артисти, а истата секојдневно се проширува. Музичката програма на Д ФЕСТИВАЛ годинава од 15 до 17 јули во Дојран, ќе се одвива на пет бини, а фестивалот ја открива и последната, нова концертна локација во оваа низа – CHURCH STAGE! Оваа бина на фестивалот е позиционирана во црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран, на падините над фестивалскиот камп. Катедралниот храм денес е во фаза на целосна реконструкција, а точно 100 години од неговото разрушување и во рамки на музичкиот маратон Д ФЕСТИВАЛ го оплеменуваме со префинетиот звук на музичките уметници кои ја одбележуваат современата култура на Македонија со својот единствен музички пристап.

Првиот фестивалски ден (петок, 15 јули) е резервиран за настапот на ЕЛЕНА ХРИСТОВА – пејачката на етно-составот Баклава која остава маркантна трага на македонската музичка сцена со својот уникатен, фундаментален, пристап кон изворната песна. Во оваа прилика, свилениот вокал на Христова ќе го надополни виртуозот на канон Ибрахим Џенгис.

За магичниот музички амбиент во храмот во сабота (16 јули) задолжена е групата ЉУБОЈНА која ќе ни го претстави проектот АКУСТИЧНО ГЛАГОЛИЦАЊЕ или ЉУБОЈНА НА ТАЦНА. Музиката на Љубојна е длабоко инспирирана од Македонскиот бит и честопати интерпретирана низ многубројните призми што бендот ги гради како куполи и остава силен печат во времето во кое живееме. Годинава Љубојна прославува 15 години откако препознатливиот вокален израз на пејачката Вера Милошевска и музичките лавиринтски решенија на Оливер Јосифовски првпат ги вкрстија мечевите на сцена. За оваа пригода, на сосема невообичаен начин, ќе ни сервираат еден дел од нивните мали тајни рецепти, свежо подготвени во музичката кујна на Љубојна. Ним, на 16 јули ќе им се придружи и поетско-музичкиот перформанс на триото ИГЛА И КОНЕЦ во кое учествуваат: Тихомир Јанчовски, Добрила Грашеска и Зоран Тортевски. „Игла и конец“ е насловот на последната книга на Тихомир Јанчовски, и под исто име ова трио беше дел и од промоциите во повеќе градови низ Македонија.

Последниот ден на Д ФЕСТИВАЛ, во недела (17 јули) CHURCH STAGE ќе претстави несекојдневно музичко уживање со концертот на ГОЦЕ СТЕВКОВСКИ ТРИО. Гоце Стевковски кој на пошироката јавност и е познат по неговите ангажмани како тапанар во повеќе високо етаблирани групи како Архангел, Леб и сол, Бодан Арсовски Езгија Бенд, Проект Жлуст, ДНО, последниве години својот музички интерес го насочува кон џез музиката, учествувајќи во бројни проекти и соработувајќи со скоро сите значајни имиња на македонската и балканската џез сцена. Триото на познатиот македонски џез тапанар и композитор, во кое покрај него членуваат Кирил Кузманов на саксофон и Кирил Туфекчиевски на контрабас, ќе се погрижи за задоволството на посетителите на Д Фестивал кои сакаат да уживаат во џез музиката. Музичката програма на оваа бина на Д ФЕСТИВАЛ ја заокружуваме со настапот на ВОЛТЕР МАНИ АЛ ХАКИМ, еден од најбараните арт-терористи на денешницата и основач на Г-да Тенекиеви, Лост Дегенерос, како и на озлогласениот проект Цревни Муви. Автор е на музичкиот рецитал „Сите пари на светот“, заедно со Саша Павловиќ – Фреш. Волтер е најпознатиот непознат уметник, актер и музичар од овие простори. Со музика се занимава повеќе од четвртина столетие. Зад себе има две самостојни изданија: „Света Вода“ и „Брсјачки Сказни“. Учествувал во саундтракот за филмот „Маклабас“, како и во авангардниот ансамбл Свирачиња.