Пристигнува караванот на мирот со легендарните АЛИ ФАРКА ТУРЕ БЕНД и ТЕРАКАФТ на Д ФЕСТИВАЛ!

  • 1
  • 09/06/2017
AliFarkaToureBand

По веќе објавените 40 музички изведувачи, ни стигнуваат и нови хедлајнери кои ќе настапат на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ кој ќе се одржи од 14-ти до 16-ти јули во Дојран! Станува збор за „Музичкиот караван на мирот“ со кои легендарните бендови АЛИ ФАРКА ТУРЕ БЕНД и ТЕРАКАФТ од Мали ја пренесуваат нивната прекрасна музика и многу повеќе од тоа! Доаѓајќи од легендарниот Фестивал во Пустината на Тимбукту, кој сега е во егзил од Сахара, овие музички бунтовници веруваат дека фестивалските вредности на мир и толеранција кои денес се потребни повеќе од било кога, мора да продолжат да се пренесуваат и промовираат ширум светот. Караванот кој е сочинет од вкупно 11 музичари на овие две врвни имиња на музиката од Мали, ова лето ќе настапи на максимален број музички бини низ Европа, а во јули тој пристигнува и на единствениот open-air фестивал кај нас, на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран, каде ќе имаме ретка прилика да ги проследиме концертите на кои ќе ни го пренесат фасцинантниот пустински блуз.

Оригиналните членови на бендот, чиј покоен лидер АЛИ ФАРКА ТУРЕ беше великан на спојувањето на традиционалната музика на Мали со блуз музиката, ја продолжуваат својата работа и настапите со мисија да ја пренесуват пораката за мир. Станува збор за бендот на еден од најлегендарните и меѓународно признати музичари на сцената од Мали, повеќекратно „Греми“ наградуван автор, пејач и мулти-инструменталист чие име ќе го најдете и во листата на „100 најдобри гитаристи на сите времиња“ на престижните музички магазини како „Ролинг Стоун“ и „Спин“. Неговата фасцинантна музика и моќна универзална порака за мир продолжува да живее и понатаму благодарение токму на неговиот бенд, кој пак сега го предводат членовите Мамаду Кели и Афел Бокум, воедно познат и по неговите соработки со славниот Дејмон Албарн. Одбележувајќи 10-годишнина од смртта на маестралниот Али Фарка Туре, неговиот бенд ќе имаме чест да го погледнеме во живо и на Д ФЕСТИВАЛ.

ТЕРАКАФТ, чие име на јазикот на Туарезите значи „караван“, е еден од оригиналните бендови кои изникнаа од Сахара, а кој во совршен спој ги комбинира современите западни музички пристапи со пустинскиот традиционален звук од Африка. Како еден од најсначајните претставници на музиката на светот, овој бенд е оформен од страна на еден од членовите на „Тинаривен“, групата на вистинските бунтовници против тиранската влада во Мали кои оружјето го заменија со гитарите. Пустинските блузери и борци за права на својот народ ќе ја споделат со посетителите на Д ФЕСТИВАЛ својата извонредна и уникатна музика која говори за туарешкиот бунт против власта, туарешките племиња и нивните авантури во пустината, за војните, но и убавината на пустините, небото и земјата, како и носталгијата за родниот крај од кој мораа да ги спасуваат своите живот.