ЧПП Covid-19

Bо прилог се најпоставуваните прашања и одговори во врска со одржувањето на Д Фестивал кој е закажан за 3-5 јули 2020-та.

Дали ќе се одржи Д Фестивал 2020?

Постојано работиме на организирање на настанот од нашите домови и нашата желба и план, е да се одржи јубилејното 10-то издание. Но, истовремено, будно ја следиме ситуацијата поврзана со COVID-19 и реагираме соодветно на сите мерки предложени од надлежните институции. Нашиот приоритет е да ги заштитиме сите инволвирани во креирањето на фестивалот, како и посетителите на настанот.

Дали некој од најавените артисти до сега го откажал својот настап?

За сега, ниту еден од најавените артисти не го откажал својот настап на Д Фестивал. Но, сите сме засегнати од моменталната ситуација и ниту ние, ниту артистите немаме одговори кога ќе се отворат границите, кога ќе тргнеме на работа и каква ќе биде ситуацијата со авионските линии. Дури и ако состојбата се стабилизира наскоро, на светот ќе му треба време да се врати полека во својата претходна состојба на функционирање.

Поради моменталната ситуација, се двоумам дали да си купам билет за Д Фестивал 2020. Што ќе се случи со купените билети ако Д Фестивал не се одржи од 3-5 јули?

Во случај Д Фестивал да се презакаже за друг датум, купените билети ќе останат валидни за новиот термин. Средствата ќе бидат рефундирани за сите оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат на фестивалот поради промената на датумите.

Дали имате план Б ако состојбата набрзо не се подобри?

Покрај тековната организација, работиме и на план б, ц, д….но за сега, насоката на функционирање не зависи само од нас и нашите желби и планови.

Дали сè уште можам да се пријавам на повиците и да учествувам во креирањето на Д Фестивал?

Да, рокот на сите повици е продолжен до 20-ти април. Секој може да се пријави со своја идеја за да придонесе кон создавањето уникатно искуство на Д Фестивал кој живее од љубовта и креативноста на своите учесници и посетители.

Како моменталната ситуација влијае на активностите поврзани со организација на фестивалот?

Максимално сме хендикепирани, затоа што пред сè, ни недостасува личната комуникација. Но, посветено работиме од нашите домови и даваме сè од себе да ги завршиме своите планови. За разлика од минатите години, нашите активности се ограничени, а подготовките се одвиваат бавно. Во меѓувреме планираме и различни решенија за вонредната ситуација.

Дали сметате дека е одговорно да се организира настан во оваа ситуација?

Д Фестивал е закажан за 3-ти до 5-ти јули, 2020 година, со надеж дека моменталната ситуација до тогаш ќе се подобри. Продолжуваме со подготовките бидејќи сметаме дека тоа е одговорност која ја имаме кон артистите, публиката, нашите партнери и соработници. Би сакале да ве увериме дека нема да направиме ништо што ќе преставува ризик за нашата публика, волонтери и учесниците на фестивалот, без претходно консултирање со надлежните институции.

Какви загуби очекувате?

Септември, 2019-та, започнавме преамбициозно со подготовки за нашето најдобро издание. Роденденско, јубилејно! И ако не успееме во сите желби и визии тоа ќе биде нашата најголема загуба. Оваа година имаме уште поголем одзив од публиката и веќе во март 70% распродаден фестивал, што никогаш претходно не се случило во МК. Тоа значи дека сме стекнале доверба – и за нас – тоа е најдрагоцената добивка. Сега, во овие услови ќе се трудиме да бидеме добри и нè има, а во 2021-ва, двојно да надокнадиме за сè што нема сега да успееме. Загубата ќе биде како кај сите, иако велат во музиката можеби и најстрашна. Ние сме „first out“ и се надеваме не „last to come back“.

Кога ќе донесете финална одлука за одржувањето на овогодинашното издание на Д Фестивал?

Со оглед на тоа како се одвиваат работите, сметаме дека средина на мај ќе имаме финална одлука. Во меѓувреме, на редовна линија сме со сите изведувачи, поддржувачи и добавувачи. Таксират и Д Фестивал се дел од најголемото европско здружение на фестивали и затоа сме во постојана комуникација со сите нив, целејќи да си помогнеме и да најдеме добри решенија за проблемите кои нè засегаат, бидејќи не сме исклучени едни од други – запомнете – музиката е еден јазик на светско ниво! Имаме секојдневни известувања за активностите на артистите, букинг агенциите, а и детали за акциите на другите држави кон уметниците, фестивалите, концертите и генерално културата.

Барате ли поддршка, ве штитат ли државата, министерството и градот во моментов? Каков е односот кон културата?

Исто е, како и секогаш – традиционално мизерен и на последно место. Ние не бараме ништо за нас во моментов, но можат да сторат нешто за илјадниците независни домашни автори. Потребно е Министерството и градските управи, во најбрз можен рок да објават он-лајн конкурси за поддршка на независната сцена, артисти, уметници, глумци, писатели. Доволно е авторите да објават и да придонесат со своја песна, слика, перформанс, книга – и да им се помогне и дозволи со својот труд да опстанат во овие услови.

Како можам да го поддржам фестивалот?

Многу едноставно, што и да се случува со Д фестивал годинава, сакаме да ве мотивираме да не го заборавите Дојран. Да го посетите, поминете некоја ноќ, како да е Д фестивал – секој ден. Да му помогнеме да ја спаси туристичката сезона, да останат позитивни и насмеани како што нè дочекуваат секоја година.
Џина, Фуктак, Нота и сите мештани ќе ви помогнат да го најдете мирот и љубовта кои ги најдовме и ние, сите овие 10 години <3

А, дотогаш, што би рекле нашите драги пријатели: “Stay connected & disinfected!”