Спремете се за сонична авантура, Rib доаѓаат на Mosquito Stage!

  • 0
  • 15/03/2019
Rib

Македонското трио Rib се првото име кое ќе грми на Mosquito Stage! Со тазе албум и прв пат на Д Фестивал, Rib ќе приредат вистинско музичко патување во Дојран.
Триото (Јане Трајковски на гитара, Ивица Димитриевиќ на гитара и бас и Џано Куч на тапани) кое неодамна го објави својот трет, истоимен албум во соработка со британскиот продуцент Бен „Фаз“ Фарестведт, сè уште ужива во позитивните коментари за 52-минутниот музички материјал, кој беше одлично пречекан и од публиката, и од критичарите. Дел од албумот е и хитот „Rotator“, на кој им гостува Дејвид Бест од британскиот состав Fujiya & Miyagi.
“Rib самоуверено гази по соничниот автопат кој сам си го асфалтираше. Необременети од за нашите бендови анахроната потреба да се биде „значаен” и „социјално-политички ангажиран”, тие суверено владејат со post punk/new wave просторот, чисто на сонична база. Токму отсуството на лузерската потреба да се биде релевантен/независен колку да се допадне на потенцијалната алтернативна публика е нивното најсилно орудие. Својот кул го градат на чисто звучен градежен материјал, кој од албум во албум е сè поубедлив. Оваа здрава амбиција е редовно поткрепена со винилни изданија, нивно модерно копаничарство кое остава неизбришлив траг на сериозност”, напиша за нив Мирко Попов за Reborn.
Иако Rib немаат вокал, а долги песни без крута структура со јак сенс за таложење тензија, плочата би можела да се нарече пост-рок, пишува Александар Саздовски за kulpop.mk. „Разликата е што ако овој правец најчесто е заинтересиран скалесто да конструира расположение додека тоа не експлодира, триото е преокупирано со ритамот, игривоста, со подиумот. Построкерите не се буквални депресивци, меѓутоа, нивните звучни експозиции се опсежни, развлечени и со една нога секогаш во меланхолијата“.
Ниту регионалните музички магазини не беа скромни со пофалби за триото. Српскиот магазин Before After ги смести на листата на 10 најдобри албуми за јануари, велејќи дека албумот на триото е еден од низата музички скапоцени камења со кои ги опсипува македонската музичка сцена и дека триото „води на патување низ секакви меридијани, минати и идни времиња, различни емотивни состојби“.
Позитивни критики објавија и Поп Депресија, а беа дел и од топ листата Анатомија збука на радио во Босна и Херцеговина.
Rib зад себе ги имаат и албумите „Something Completely Different“ (2015) и „Bliss“ (2017).