Битолската панк-рок група Паркети на Д Фестивал

  • 0
  • 22/05/2019
parketi

Бендот синоним за битолската панк-рок сцена, Паркети пристигнуваат на Д Фестивал 2019! Секогаш свои во пристапот, секогаш возбудливи во живо. Ова лето со настап на Mosquito Stage во Дојран. 

Д Фиеста започнува наскоро!

Битолскиот бенд ПАРКЕТИ своето необично музичко патешествие го започнува на Денот на независноста, 8-ми септември 1991-ва година и веќе следниот ден (понеделник, 9-ти септември) ја снима и својата прва песна во студио. Оттогаш, под влијание на имиња како „Рамонс“, „Психомодо Поп“, „Нирвана“, свират панк-рок и учествуваат на сите изданија на „Рокфест“ во Скопје до 1995-та година. Во меѓувреме настапуваат и на првиот хардкор фестивал во Скопје, во визбите на Правен факултет во 1992-ра година, а во 1994-та тие се и предгрупа на Психомодо Поп во „Куршумли Ан“ што за бендот претставува остварување на сонот. Преку ТВ емисиите „Пулсирање“ и „Шоуто мора да продолжи“ стекнуваат поголема слава низ Македонија. Досега имаат објавено 7 албуми и две компилации, а како поважни ги одвојуваат настапите на „Аларм“ фестивалот во 2002-ра година во Љубаништа, настапот како предгрупа на „Бладхаунд Генг“ на „Скопско лизгалиште“ во 2005-та година, додека за unplugged концертот на МРТВ, „Паркети“ велат дека го бележат како еден од последните андерграунд моменти во нивната кариера. Потоа од 2008-ма до 2010-та е нивната најславна и покомерцијална, но според самиот бенд најлоша алтернативна фаза. Во последно време настапуваат во четиричлен состав со репертоар и понатаму верен на панк-рок стилот.